Со предлог-буџетот сакаме да ги задржиме граѓаните во земјава и затоа тој е фокусиран во инвестирање на човечкиот капитал. Ова беше главната поента на министерката за финансии Нина Ангеловска во образложението на проекцијата на државната каса за следната година. Таа рече дека ова е реален буџет и се посветуваат на подобрување на она што со години било запоставувано а тоа се граѓаните. Индексот на човечкиот капитал во нашава земја е на многу ниско ниво не само во светски, туку и во регионални рамки.
Но, опозицијата критикуваше дека предложениот буџет воопшто не е развоен. Напротив, според нив е предизборно купување на граѓаните и кој ќе предизвика далекусежни реперкусии по економијата.
Во одбрана застанаа пратениците од власта. Панче Иванов од СДСМ рече дека овој предлог буџет има тенденција на фискална стабилизација, додека Реџаил Исмаили од ДУИ истакна дека тој ја отсликува реалноста во државава.
Проекцијата на државната каса за идната година е на 3,9 милијарди евра. Приходите се планирани на 3,6 милијарди евра, а расходите на 3,9. Капиталните инвестиции се планирани на ниво од 23,6 милијарди денари, економскиот раст се предвидува да биде 3,8 проценти а инфлацијата да се држи на ниско ниво од 1,7 процент. Расправата по предлог буџетот може да трае најмногу 10 дена. За него се поднесени околу 350 амандмани од кои само 317 се од ВМРО-ДПМНЕ.