Иако на таблата на влезот на училиштето пишува „Адем Јашари“, сепак на официјалните документи на ова училиште се уште стои старото име „7 март“. Таков документ обезбеди и ТВ21. На почетокот на документот фигурира новото име на училиштето, но на истиот има печат со старото име. Министерот Арбр Адеми, сѐ уште чека да добие барање за промена на статутот и преименување на училиштето.
„Било какво барање, иницијатива која ќе биде адресирана до мене, секако дека истата ќе ја поддржам и ќе дадам согласност. Не само за овој случај туку и за сите други. За секое именување на училиштата и другите образовни институции, ќе ја имаат нашата поддршка, се разбира доколку таквата иницијатива ја поддржуваат заедницата, родителите, учениците од местото каде се наоѓа училиштето“, истакна Арбр Адеми, Министер за образование и наука.
Додека министерот чека на барањето, директорот Халил Палоши вели дека официјална иницијатива за промена на името и статутот на училиштето доставиле уште пред четири години, но дека не добиле никаков одговор.
„Ние со иницијатива на Советот на родители и раководството на училиштето, доставивме барање до општината и Министерството, но од министерството не добивме одговор. Барањето е доставено пред 3 или 4 години, но не добивме никаков одговор“, изјави Халил Палоши, Директор на ОУ „7 Март“.
Ова не е единственото училиште во Чаир кое чека за преименување. Ист проблем имаат и ОУ „Хасан Приштина“ каде на печатот сѐ уште стои старото име „Рајко Жинзифов“, како и училиштето „Имри Елези“ каде со печат сѐ уште фигурира како „Никола Вапцаров“.