Зенељ Клаиќи и Шабан Лимани, се двајца од 6-мината поранешни затвореници во случајот „Сопот“, кои цели 15 години чекаа да се докаже нивната невиност. Беа обвинети за поставување мина во Сопот во 2003, при што загинаа двајца полски војници на НАТО и еден цивил. Сите беа осудени на казна затвор од вкупно 136 години.
„Мене лично никој ништо не може да ми надомести, ниту државата, ниту било кој друг. Кога бев во затвор почина мајка ми, ја погребаа, а мене не ме пуштија“, вели Зенељ Клаиќи – екс-затвореник во случајот „Сопот“.
„Годините не се враќаат, изгубивме време. 16 години е еден дел од животот. Не е малку 16 години да бидеш измачуван“, додава Шабан Лимани – екс-затвореник во случајот „Сопот.“
Во врска со Резолуцијата за извинување на сите врз кои е нанесена неправда, донесена од Собранието, Лимани и Клаиќи велат дека е добредојдена, но дека не е доволно.
„За нас не е доволно само извинување, бидејќи нас живи нѐ убија. Малку е да се извинат, и отштетата што ни ја дадоа е малку. Немавме што да правиме, можеа и ништо да не ни дадат. Како што нѐ затворија, така можеа и да нѐ ослободат, а ти потоа по цел ден и ноќ жали се, но нема што да правиш“, додава Клаиќи.
Децата сѐ уште се плашат кога ќе видат полициско возило во близина на нашиот дом, раскажува Клаиќи.
„Економски и здравствени проблеми, проблеми со лични карти, со пасоши. Не можевме да аплицираме за ништо. Секое барање беше одбиено и за државјанство аплициравме, а добивме негативни одговори со образложение дека сме опасни за државата“, додава Шабан Лимани – екс-затвореник во случајот „Сопот.“
Минатата недела Собранието усвои Резолуција преку која ќе им се побара извинување на сите граѓани врз кои е нанесена неправда. Предлог-Резолуцијата на парламентарното мнозинство предвидува Собранието, како највисоко претставничко тело на државата, да ги осуди кршењата на човековите права предизвикани уште од првиот ден на независност на Македонија. Со Резолуцијата исто така се бара Владата и надлежните министерства, како што се Министерството за правда и за внатрешни работи, да ги поддржат граѓаните кои претрпеле репресија. Во овој правец се очекува помош и од Народниот правобранител. За спроведување на резолуцијата е формирана и посебна Комисија која ќе го следи нејзиното спроведување.