Вајц: На Македонија ѝ треба пробив, блокирана е од Бугарија – Радев бара помош од Унгарија за уставните измени

И покрај одреден напредок во реформите, на Северна Македонија ѝ недостига вистински пробив за да го придвижи својот европски пат, оценува известувачот за земјата во Европскиот парламент, Томас Вајц. Тој посочува дека земјата сè уште е блокирана од Бугарија поради прашања поврзани со идентитетот.

Во изјава за Европската новинска редакција, Вајц изрази надеж дека по локалните избори во земјава ќе се создадат услови за усвојување на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот. „Тоа ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат“, смета европратеникот.

Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев побарал помош од Унгарија за да се убеди Северна Македонија да ги спроведе уставните измени. На вчерашната средба со својот унгарски колега Тамаш Сујок, Радев ја повикал Унгарија да помогне во тој процес.

„Со тоа што навистина ќе ги убедиме нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на европскиот консензус и отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите се неопходен услов за почнување преговори за членство во Европската Унија“, изјави Радев. Тој додаде дека Софија го поддржува европскиот пат на регионот, но напредокот треба да зависи од индивидуалните заслуги на секоја држава.