Алијансата за Албанците (крилото на Арбен Таравари) денеска, на денот на нивното стапување во сила, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на законските решенија од пакетот „Safe City“. Партијата смета дека овие закони ја нарушуваат еднаквоста на граѓаните загарантирана со највисокиот правен акт.
Адвокатот Абидин Абдули, ангажиран од партијата, појасни дека целта на оваа иницијатива е да се обезбеди секој донесен закон да важи подеднакво за сите граѓани на целата територија на државата.
Пратеникот Халил Снопче образложи дека „Safe City“ се коси со Членот 9 од Уставот, кој гарантира еднаквост за сите. Според него, спроведувањето на законот само во три града (Скопје, Куманово и Тетово) не обезбедува униформност и претставува дискриминација врз останатите граѓани.
„Сериозноста за овој проект се мери со конкретни постапки, а не со изјави. Нашите пратеници уште од собраниската говорница најавија дека законите ќе бидат оспорени штом стапат во сила“, истакна Снопче.
Одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Зијадин Села, Снопче потенцираше дека додека пратеникот Ријад Шаќири јасно ја најавил иницијативата во Собранието, Села воопшто не бил присутен во салата за време на гласањето на овие закони.
Од Алијанса за Албанците децидно заклучуваат дека секој закон мора да биде правичен и применлив за сите граѓани без исклучок, најавувајќи дека ќе ги искористат сите институционални механизми за заштита на овие принципи.
