Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми, на денешната прес-конференција изјави дека според нивната анализа, ВМРО-ДПМНЕ е „реалниот победник“ на локалните избори во општините со мнозинско албанско население.
„Денес врз основа на оваа детална анализа, сакаме да споделиме со јавноста еден јасен фактички поткован и непобитен заклучок – победата на локалните избори во општините со мнозинско албанско население и припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ. Сите податоци сведочат дека резултатот за градоначалници во Тетово, Струга, Дебар, Чаир, Сарај, Кичево, Брвеница и во низа други општини…“, рече Адеми, наведувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ со своето гласачко тело придонела за победите на кандидатите на ВРЕДИ.
Тој додаде дека според анализите на ДУИ, ВРЕДИ не успеала да го освои мнозинството од албанските гласови во ниту една општина, ниту за градоначалници ниту за совети, оценувајќи дека нивната победа во дел од општините се должи исклучиво на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во сите случаи каде што остварува само формална победа, таа беше постигната само благодарение на организираното гласање и директната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ…“, истакна Адеми, додавајќи дека Националната алијанса за интеграција освоила над 23 илјади гласови повеќе на државно ниво.
Адеми посочи дека резултатите претставуваат морален и политички мандат за ДУИ, кој ќе биде тема на реорганизација на партијата на Конгресот очекуван до 20 декември.
„Ние ја прифаќаме одговорноста за секој порака што ни ја испратија граѓаните… ВМРО-ДПМНЕ победи. И ова е реалноста која излезе од избирачките кутии“, изјави Адеми.
Тој се заблагодари на гласачите и активистите, најавувајќи дека ДУИ ќе продолжи со, како што рече, „нова енергија, транспарентност и целосна посветеност кон интересите на граѓаните и европската иднина на земјата“.