Адвокатката Коцевска реагираше на заканите кон Дејан Јованов – Деко, побара заштита и исклучување на јавноста

На судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска повторно беа отворени прашања поврзани со закани, мерките за обезбедување присуство и однесувањето на дел од присутните во судницата.

Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, адвокатката Ивана Коцевска, реагираше на изнесените директни закани по неговиот живот на минатото рочиште и побара тоа да биде нотирано на записник.

Се вчитува...

На претходното рочиште, додека одбраната на првообвинетиот пред Судот изнесуваше барање за укинување на притворот, дел од оштетените реагираа бурно извикувајќи: „пуштете го, ние да му пресудиме”.

Коцевска, пред почетокот на денешното судење, реагираше и на, како што кажа, „селективноста на мерките за обезбедување присуство, како и селективноста на прогон” на Обвинителството, кое, според неа, по службена должност требало да поведе постапка по изнесените закани по живот.

Таа пред Судот изјави:

„Изнесувам предлог за крајно неопходно исклучување на јавноста, со оглед дека Судот е должен да обезбеди ред и заштита на правата на обвинетите”.

Судијката Дијана Груевска Илиевска нагласи дека досега ниту една закана не е нотирана на записник, без разлика од која страна доаѓаат.

Таа додаде:

„Прво ќе се опоменува, потоа ќе се исклучува и казнува. Се знае кога се исклучува јавноста, а тие во овој период не се јавност, туку оштетени во постапката. Ако има потреба може индивидуално да се исклучува”.

Обвинителството се спротивстави на предлогот за исклучување на јавноста, посочувајќи дека се знае кога и во кои околности тоа се прави.

„Предлот е целосно неоснован, како незаконит. Исклучувањето на јавноста не се однесува на странките и оштетените”, реагираше обвинителката.

Во однос на барањата за постапување по службена должност, Обвинителството оцени дека веројатно станува збор за забуна и дека треба да се има предвид интензитетот на заканите и реалната можност за нивно остварување.

„Во конкретниот случај беше правилно постапено од Судот, и беше изречена усна опомена”, изјави обвинителката.

На почетокот на расправата, одбраната на Јане Јанчевски и Мартин Георгиев исто така побара укинување на мерката куќен притвор, наведувајќи дека повеќе не постојат причините за нејзино определување.

Судот информираше дека се одбиваат како неосновани барањата за укинување на мерките за обезбедување на Беким Хаџиу и Тодор Јованов.

Обвинителството на почетокот на рочиштето соопшти дека добило изјава од родител на Дарио Трифунов, во која се наведува дека неговиот син е во странство и нема да може да присуствува на судењето, ниту во блиска иднина, при што, како што беше посочено, не е оставена информација за контакт.

Затоа, од Обвинителството предложија да се чита неговиот исказ, бидејќи сведокот е недостапен на органите на прогон.

Судот исто така информираше дека добил известување од МВР дека и сведокот Александра Пепеларовска не е достапна на органите на прогон.

Денешната расправа продолжува со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.

На минатото рочиште, Обвинителството ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените кои побарале медицинска помош по пожарот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.