Адвокатката Ивана Коцевска, која е бранител на сопственикот Дејан Јованов – Деко за страшниот пожар во Кочани каде загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, преку јавно соопштение реагира на, како што вели, серијата напади и злоупотреби насочени кон нејзината личност и професија.
Коцевска истакнува дека досегашната воздржаност, мотивирана од емпатија кон болката на родителите на починатите, веќе не е можна поради нарушување на нејзиниот интегритет.
Поводот за ваквата реакција е неодамнешниот протест на родителите, на кој, според тврдењата на адвокатката, нејзиниот лик бил фотошопиран и злоупотребен во „небулозна форма“. Коцевска смета дека ваквите дејствија не се само личен напад, туку удар врз угледот на целата адвокатска професија.
„Родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која го нарушува угледот на секој еден адвокат“, стои во соопштението на Коцевска.
Адвокатката дополнително појаснува дека нема да отстапи од кривичната постапка за вандализам што се случи на 17.03.2025 година. Таа нагласува дека иако родителите ги оправдуваат сторителите, законот е јасен и предвидува одговорност за таквите дејствија.
Коцевска упати апел до сите надлежни органи во државатa да реагираат.
Таа заклучува дека адвокатите се клучни столбови во владеењето на правото и дека нивниот личен и професионален интегритет мора да биде недопирлив, независно од тежината и емотивниот контекст на судските предмети.

