Воздушниот сообраќај на Националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон е привремено блокиран. Наредбата ја издаде Федералната администрација за воздухопловство поради „безбедносен проблем“, пренесува Ројтерс.
Имало закана со бомба врз авион, објави Блумберг.
Веб-страницата за следење на летови FlightRadar24 соопшти дека причината била непотврдена закана кон авион на „Јунајтед ерлајнс“ што пристигнувал од Хјустон, кој бил оддалечен од другите авиони на аеродромот.
Малку подоцна, мерките беа укинати откако беше спроведена соодветната инспекција.
Националниот аеродром „Реган“ се наоѓа на само пет милји од Белата куќа и Капитолот на САД, а Федералната администрација за воздухопловство воведува посебни безбедносни мерки во воздушниот простор.
Според раководството на аеродромот, во периодот додека воздушниот сообраќај беше блокиран, одложени се над 190 летови.