Аеродромот во Вилнус повторно го прекина работењето поради балони

Аеродромот во литванската престолнина Вилнус денес ја прекина работата поради балони на криумчари кои биле забележани од радар, пренесе Ројтерс повикувајќи се на Националниот центар за управување со кризи на земјата.

Властите во Литванија тврдат дека балоните се испраќаат со цел транспорт на криумчарени цигари.

Минатиот месец балтичката република ги затвори своите гранични премини со Белорусија како одговор на нарушувања на нејзиниот воздушен простор од метеоролошки балони што доаѓале од Белорусија. Меѓутоа, премините беа повторно отворени утрово.

Литванија вели дека балоните кои предизвикуваат прекин на работата на аеродромите во земјата се пуштани од криумчари и се користат за транспорт на нелегални цигари.

Таа го обвинува претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, дека не презема ништо за да ја запре оваа практика и ја нарекува форма на „хибридни напади“.

Извештаите за нарушување на воздушниот сообраќај беа намалени во последните неколку дена пред денешното затворање на аеродромот во Вилнус.