Африка е жртва на конфликтот во Украина, изјави сенегалскиот претседател Маки Сал за време на средбата со Путин

Сенегалскиот претседател Маки Сал, кој е ротационен претседател на Африканската унија, побара од Владимир Путин денеска да „сфати“ дека африканските земји се жртви на конфликтот во Украина, пренесе АФП, повикувајќи се на стравувањата од глобална криза со храна.

„Дојдов да ве сретнам за да ве замолам да сфатите дека нашите земји (…) се жртви на оваа економска криза“, рече Сал на почетокот на средбата со рускиот лидер во Сочи.

Се вчитува...

ОН стравуваат од глад што може да ги погоди повеќето африкански земји како ураган. Тие увезуваат повеќе од половина од своето жито од Украина или Русија, а поради конфликтот, ниту еден брод повеќе не може да ги напушти украинските пристаништа.

Меки Сал истакна дека африканските земји страдаат од ефектите на руската офанзива против Украина, иако повеќето африкански земји избегнаа да ја осудат Русија со две гласања во ОН. Тој рече дека заедно со Азија, Блискиот Исток и Латинска Америка, голем дел од човештвото избрало да остане настрана од конфликтот.

Сал рече дека тензиите за храна предизвикани од конфликтот се влошени со западните санкции врз руските логистички, трговски и финансиски синџири.

Меки Сал го повика прехранбениот сектор да остане надвор од западните санкции наметнати како одговор на руската инвазија.

„Антируските санкции ги влошија работите, веќе немаме пристап до жито од Русија, а најмногу од сè немаме пристап до ѓубрива“, рече сенегалскиот претседател. „Ова навистина ја загрозува безбедноста на храната на континентот“, рече тој.

Владимир Путин од своја страна не ја допре оваа тема за време на делот од средбата со сенегалскиот лидер кој беше отворен за медиумите. Тој истакна дека во минатото Советскиот Сојуз ги поддржувал африканските земји во борбата против колонијализмот и го пофалил развојот на руско-африканските односи.

Претходно, Кремљ соопшти дека Путин сака да ја искористи средбата „да објасни детално како гледа на ситуацијата со украинското жито“. Според него, само Украина и Западот се виновни за претстојната прехранбена криза.