Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потврди дека по протестите во Приштина и Тирана, на 13 декември во 13 часот ќе се одржи сличен собир и во Скопје, на кој ќе се бара правда за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово кои се наоѓаат во притвор во Хаг.
Во најавата Ахмети наведува дека плоштадот „Скендербег“ ќе биде местото каде граѓаните ќе го изразат своето барање за, како што вели, „правда за нашите ослободители“.
Тој повтори дека ДУИ останува на ставот дека војната на ОВК била праведна и ослободителна, нагласувајќи дека нејзините борци имале поддршка од демократските земји. Според него, постапките против поранешните водачи не треба да се темелат на „политички мотивирани обвинувања и конструирани докази“.
„Како што стоевме рамо до рамо во Приштина и Тирана, така ќе стоиме и во Скопје – одлучни, горди и посветени на одбраната на вистината“, наведува Ахмети во најавата.
Потврдено е дека на протестот ќе учествуваат и претставници од ОВК-УЧК од Косово.