Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по денешната лидерска средба изрази воздржаност во однос на предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за итно укинување на техничката (Пржинска) влада. Според Ахмети, за ваква суштинска одлука мора да се добие мислење и од меѓународната заедница.
„Што се однесува до техничката влада, нашиот став е дека треба да се консултираме со соавторите на овој закон, а тоа се Европската Унија и САД“, изјави Ахмети, нагласувајќи ја важноста на меѓународниот консензус.
Во однос на измените на Изборниот законик, ДУИ ги претстави своите конкретни барања. Партијата се согласува со моделот на една изборна единица и отворени листи, но инсистира на изборен праг од 5%. Ахмети додаде дека ова прашање останува отворено за понатамошни дискусии.
Ахмети упати критики за начинот на кој се пристапило кон изборот на Народен правобранител, оценувајќи го како „арбитрарен“.
Тој побара дополнителни консултации за да се обезбеди двојното мнозинство (Бадентер), нагласувајќи дека консензуалната демократија има свои правила кои мора да се почитуваат.
Координаторите на пратеничките групи во Собранието ќе треба да продолжат со разговорите за изнаоѓање заедничко решение за ова прашање.
