Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија денеска објави дека ги проверува сите пратки со изворска вода увезени од соседно Косово.
Според нив, лабораториските тестови направени на примерок од вода откриле присуство на колиформни бактерии.
„Засилените контроли ќе се реализираат со земање лабораториски мостри за испитување на резидуи ( остатоци) од пестициди, со акредитирани методи, од секоја пратка. Мострите ќе се земаат на инспекциските места при увоз, а пратките нема да се пуштаат во промет се до добивање на резултат со кој ќе се потврди безбедноста на производите. Поради добиен лабораториски наод позитивен на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Република Косово, спротивно на одредбите од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на РМ“ бр. 184/20218), под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја“, се вели во соопштението.
Според медиумите, се работи за вода на компанијата „Ругова“, а од таму велат дека нивните производи се редовно сертифицирани од Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) и дека производите исто така успешно ги поминале тестовите од Косовската агенција за храна и ветеринарство (АХВ).
Инаку, тестирањето на колиформни бактерии е стандард кој се користи за проценка на квалитетот на водата за пиење. Колиформните бактерии се организми присутни во околината и во изметот на сите топлокрвни животни и луѓе. Оваа бактерија не може да предизвика болест. Сепак, нивното присуство во водата за пиење покажува дека може да има организми кои предизвикуваат болести (патогени) во водоводниот систем, според описот на Стејт департментот за здравство на Вашингтон.