АХВ заплени 37 тони храна: Јаткасти плодови и зачини со истечен рок од пред две години пронајдени при вонредна контрола

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела, при спроведена вонредна контрола кај еден оператор со храна, заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна.

Како што соопшти денеска Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини. Причината за запленувањето е што производите биле без декларации, а на голем дел од нив рокот на употреба им бил истечен од една до две години.

За сторениот прекршок, на операторот му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна. Дополнително, издадена му е и наредба за отстранување на сите утврдени недоследности.

Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници и маркети.

Поради утврдени недоследности, како што се нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично. На дел од нив им се изречени и привремени забрани за вршење дејност.

„Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништена“, наведува АХВ во соопштение.