Основното јавно обвинителство Прилеп денеска побара одредување мерка притвор за шест лица и мерки на претпазливост за уште петнаесетина, по големата акција поврзана со истрагата за финансиското работење и можни злоупотреби во Општата болница во Прилеп. Предлог за забрана за учество во јавни набавки е поднесен и за шест до седум правни лица од Прилеп, Битола и Скопје.
Ова следува откако синоќа и утрово во прилепската полиција беа приведени повеќе од десет лица, кои во текот на денот треба да бидат спроведени пред судија во Основниот суд во Прилеп.
Акцијата е резултат на предистражна постапка што Обвинителството ја води уште од април годинава поради сомненија за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ во финансиското работење на болницата. Вчера, Управата за финансиска полиција, постапувајќи по наредби на Обвинителството, презеде оперативни дејствија и изврши претреси на повеќе локации, слично како и во април кога беа претресени осум локации.
Проблемите со финансиското работење на прилепската болница беа актуелизирани уште минатата година, кога сегашниот директор Кире Јоноски, набрзо по стапувањето на функција, во повеќе наврати јавно изјави дека наследил долг од речиси 193 милиони денари и дека биле забележани неправилности.