Македонската полиција заплени околу 40 тони марихуана по серијата претреси во Скопје и во Струмица, дознава Телма од извори во истрагата. Иако дрогата наводно била одгледувана за медицински цели, начинот на кој била складирана и чувана укажува на тоа дека била наменета за шверц и продажба на „црниот пазар“.
Според изворите на Телма, првичната бројка од 27 тони, за која истражните органи брифираа претходно, веќе е зголемена на вкупно 40 тони.
- Скопје: Околу 10 тони се изнесени со камиони и комбиња од објектите на компанијата „Алфафарм“ лоцирани во кругот на фабриката „ОХИС“.
- Струмица: Останатите 30-тина тони се запленети во струмичкиот регион од фирми поврзани со истата компанија.
Истрагата е директно поврзана со акцијата во Србија, каде беа пронајдени 5 тони марихуана за кои тамошните власти потврдија дека потекнуваат од Македонија. Во центарот на случајот е косопственикот на „Алфафарм“ ДОО Скопје, Иван Драгниќ, кој е уапсен под сомнение дека ја транспортирал дрогата преку граница до селото Коњух кај Крушевац.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе изјави дека медицинската марихуана во овој случај незаконски била пуштана во промет. Фирмата „Алфафарм“ е релативно нова на пазарот – основана е во 2023 година, а лиценцата за медицински канабис ја добила во 2024 година.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) треба да даде одговор кои структури биле инволвирани во организираниот шверц на петте тони откриени во Србија, но и каква била крајната дестинација за новооткриените 40 тони.
Петте тони во Србија беа откриени на 29 јануари во фирма сопственост на татко и син, а клучниот соработник Драгниќ е во притвор. Се очекува МВР и Обвинителството наскоро да излезат со официјални податоци за целата мрежа на инволвирани лица.
