Центарот за јавно здравје – Прилеп предупреди дека водата од градскиот водовод во Крушево е бактериолошки неисправна и не е безбедна за пиење. По редовните анализи, институцијата апелира граѓаните да користат пакувана вода, а водата од водоводот да ја употребуваат само по превривање.
Според соопштението на ЦЈЗ – Прилеп, при редовната контрола на квалитетот и безбедноста на водата било утврдено отсуство на резидуален хлор, како и присуство на бактерии од цревно потекло.
За констатираната состојба на 23 јули биле известени сите надлежни институции, како и ЈКП „Комуна“ – Крушево, со цел преземање на неопходните мерки.
Од Центарот за јавно здравје препорачуваат жителите за пиење да користат исклучиво пакувана вода. Водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови само доколку претходно се преврива најмалку 10 минути.
Овие препораки ќе останат во сила сè додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата, по што јавноста ќе биде навремено информирана.
Дополнително, ЦЈЗ – Прилеп соопшти дека при анализите на водата од крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, земени на 20 јули, исто така е утврдена бактериолошка неисправност, поради што водата од овие чешми не смее да се користи за пиење.