Во Турција, од почетокот на годината, повеќе од 160 лица починале од труење со алкохол. Ова се случува поради драстичното зголемување на данокот на алкохол, што доведе до масовна нелегална продукција на жестоки алкохолни пијалаци.
Турската ракија стана синоним за сите видови жестоки алкохолни пијалаци во нашиот јазик, иако во нејзината родна земја тоа е пијалак со анасон, сличен на македонската мастика. Но, ракијата е длабоко вкоренета во турското општество: часови се поминуваат во „межење“ и пиење ракија, турскиот поет Орхан Вели Каник во песната сонува „да биде риба во шише ракија“, а постојат и поп-песни што пеат за тоа пијалок. Исто така, познато е дека „таткото на нацијата“, Кемал Ататурк, многу често се потпирал на чаша ракија, не само како израз на прекин со верската традиција на исламот според кој – теоретски, алкохолот е забранет.
Но, последниве години турските медиуми се преполни со вести за труење со алкохол, особено во големите градови како што се Истанбул, Анкара и Измир, но и во туристичките места. Од почетокот на годината, најмалку 160 лица починале од труење, а главно се работи за нелегално произведени жестоки пијалаци. Според зборовите на турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликја, до крајот на февруари биле запленети 648.000 литри нелегално произведена ракија, но и вотка, виски, џин и други жестоки пијалаци, а уапсени се повеќе од 500 лица. Проблемот е што многу луѓе во Турција започнале да произведуваат ракија дома, бидејќи данокот на алкохол бил драстично зголемен за да се наполни хронично празната државна каса. Бочката обична ракија стана луксуз за Турците: чини околу 35 евра, што е скоро трипати повеќе отколку што би чинела таква бочка во Германија. А со оглед на тоа што просечната плата е околу 570 евра, не е мал бројот на жедни кои се потсетиле на старото казанче за печење ракија, пишува DW.
Метанол од индустријата
Но, проблемот е што не се прават само жестоки пијалаци за лична употреба, туку и за продажба и за угостителство. Германското Министерство за надворешни работи дури и издаде предупредување до патниците и туристите во Турција да се избегнуваат било какви жестоки пијалаци од веќе отворена бочка или онаа чии печат е оштетен – во Турција тој е сина-туркезна боја на затворачот на бочката. И турските здруженија предупредуваат туристите да се избегнуваат понудите „all inclusive“ каде што се вклучени и алкохолните пијалаци, бидејќи тие скоро сигурно ќе ги изложат на животна опасност.
Проблемот не е, се разбира, етанол, туку метанол. По вкусот, тој речиси воопшто не може да се разликува, особено во зачинетите жестоки пијалаци како ракијата, но неговото консумирање води до труење, повраќање и можеби смрт. Лесно може да се појави при нестручно изведена дестилација на жестоките пијалаци, но во Турција не се работи за нестручност при производството, туку за чист криминал: метанолот се смета за индустриска течност и не подлежи на посебен данок, така што намерно се меша во произведената ракија.
Но, проблемот ќе биде тешко да исчезне додека жестоките пијалаци во Турција продолжат да бидат толку скапи. Во цената, најголемиот дел – околу две третини, оди за данокот на алкохол: „Додека пред 15 години потрошувачкиот данок изнесуваше околу 51,5 турски лири по литар алкохол, сега е скоро 1366 лири – што претставува неверојатен пораст од 2553 проценти“, сумира на социјалните мрежи даночниот советник Озан Бингол.
Потрошувачката не паѓа
Но многумина во Турција сепак не можат без чаша ракија: еден соговорник во Измир признава дека повеќе не може да си дозволи да оди во ресторан, а бидејќи нема доверба во нелегалните напитоци кои може да ги купи „на црно“, веќе години пече своја ракија, понекогаш прави и вино. Според неговото мислење, Ердоган и неговата влада со овој данок не сакаат само да ја наполнат државната каса, туку ова е и репресија врз сите оние што режимот не ги смета за „добри муслимани“. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се претставува како „побожен муслиман“ и често во своите говори им советува на Турците наместо ракија да се одлучат за типичниот турски јогурт, ајран. Но и стручњаците предупредуваат дека даноците – а уште помалку таквите совети на претседателот, никогаш нема да ги одвратат жителите на Турција од алкохолот, но ќе ги изложат на животна опасност и бараат намалување на данокот на алкохол, пишува DW.
Така и Чаѓин Тан Еролгу констатира дека и со повисоките цени потрошувачката на алкохол во Турција не значително опаднала, исто како што речиси ништо не променила забраната за било каква реклама на алкохолни пијалаци. Ракијата и жестоките пијалаци се длабоко вкоренети во обичаите на турското општество, иако тешко може да се поверува на официјалните статистики кои покажуваат дека граѓаните на Турција просечно пијат само 2 литри жестоки пијалаци годишно. Колку точно е попиено „правата домашна“ ракија и други жестоки пијалаци, тоа никој не знае.