Аларманта изјава на градоначалникот на Дубровник: Кокаинот се шмрка на секој агол, количините се мерат во камиони

Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, на седница на Градскиот совет упати драматично предупредување за алармантното ниво на консумација на дрога во градот, особено кокаин, изјавувајќи дека проблемот достигнал такви размери што количините би можеле да се мерат „во камиони, а не во грамови“. И покрај сериозноста на неговите тврдења, темата не предизвикала никаква реакција кај останатите градски советници.

Франковиќ сликовито ја опиша состојбата, велејќи дека во Дубровник „кокаинот се шмрка на секој агол“ и го нарече сериозен општествен проблем со кој итно мора да почне да се занимава Советот за превенција на криминалот.

„Количината на амфетамин, екстази и други таблетки и апчиња што им се достапни на младите е огромна. Се надевам дека Советот за превенција на криминал ќе започне активности на две нивоа. Првото е едукативно, да ги предупреди младите луѓе за опасностите што демнат од само една таблетка“, изјави градоначалникот.

Тој посебно се осврна на кокаинот, кој го нарече „дрога на богатите“. „Втората активност е поврзана со кокаинот, дрогата на богатите, на оние кои имаат пари и не знаат што да прават повеќе, од лудило до шмркање додека не се онесвестат. Треба да зборуваме за тоа, има многу и премногу од тоа во градот“, додаде Франковиќ.

Иронично, како што пренесуваат локалните медиуми, и покрај шокантните тврдења на градоначалникот, никој од присутните советници не ги коментирал неговите изјави, ниту пак се отворила дискусија за овој горлив проблем.