Македонското образование продолжува да се соочува со сериозен демографски пад. Во септември во клупите се очекува да седнат околу 4.900 првачиња помалку во споредба со ланската година, предупреди министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На прес-конференцијата во МОН, покрај соопштувањето на резултатите од државната матура, министерката се осврна на намалувањето на бројот на ученици на сите образовни нивоа – од основните и средните училишта до високата едукација.
„Бројот на студенти се намалува, со оглед на тоа дека сè помалку ученици имаме и во основните и во средните училишта… Но, бројката во основно училиште е значително намалена и во овој процент се движиме со околу над 4.000 деца помалку од лани“, истакна Јаневска.
Поразителен демографски тренд
Иако податоците сè уште не се конечни бидејќи претстои третиот уписен рок во август, министерката нагласи дека разликата е драстична и алармантна:
- Околу 4.900 помалку првачиња се регистрирани во однос на претходната година, согласно податоците од Државниот завод за статистика.
- Дури и со дополнителни запишувања, проекциите се дека земјата ќе има најмалку 3.000 првачиња помалку.
- Сличен негативен тренд се очекува и следната учебна година, што претставува сериозен предизвик за целото општество.