Албанија на чекор до членство во ЕУ – можно затворање на преговорите до 2027 година

Албанија е на добар пат да ги заврши пристапните преговори со Европската Унија до 2027 година, а можно е да стане полноправна членка до 2030 година, покажува најновиот извештај за проширување на ЕУ, пренесува „Јуроњуз“.

Според нацрт-заклучоците, земјата постигнала значителен напредок во повеќе области и веќе има отворено шест од седумте преговарачки кластери потребни за прием во Унијата. Единствено останува кластерот за земјоделство и кохезија, кој Тирана планира да го отвори до крајот на годинава.

Во извештајот се нагласува дека приоритет за Албанија останува исполнувањето на краткорочните цели поврзани со владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и трговијата со дрога.

Пофалби од Брисел

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска ќе го претстави годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидати, меѓу кои се и Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, уште порано оваа година изјави дека Албанија, заедно со Црна Гора, е „очигледно понапредна од другите кандидати“.

Неговата оценка ја потврди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која при неодамнешната посета на Тирана изјави дека земјата има „зачудувачко и извонредно забрзување“ во реформскиот процес.

„Во последните три до четири години, Албанија направи огромен напредок. Тоа е пример како решителноста и политичката волја можат да донесат резултати“, рече Фон дер Лајен на заедничка прес-конференција со премиерот Еди Рама.

Извештајот на Европската комисија се очекува да биде официјално објавен денеска, а ќе ги содржи и оценките за реформскиот напредок на Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан.