Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до граѓаните од албанската етничка заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука. Во својата порака, таа го истакна значењето на јазикот како темелна вредност за идентитетот, но и како клучна алка за социјалната кохезија во мултиетничка Македонија.
Оценувајќи го празникот како „силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ“, претседателката се наврати на историските корени на овој датум.
117 години од Битолскиот конгрес
Во честитката, Сиљановска-Давкова потсетува на историскиот момент пред 117 години, кога во Битола започна патувањето на унифицираната азбука како најважен комуникациски код на Албанците.
„Денес се потсетуваме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите,“ посочи претседателката.
Јазикот како влог во заедничката иднина
Посебен акцент во пораката е ставен на меѓуетничкиот соживот. Претседателката истакна дека почитта кон јазикот и писмото на секоја заедница не само што ја зајакнува социјалната кохезија, туку и го сплотува македонското општество.
„Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина,“ напиша Сиљановска-Давкова.
Таа изрази признание за континуираниот придонес на албанската заедница во развојот на образованието и културата, со кои се збогатува целокупниот општествен живот.
Повик за единство
Честитката завршува со повик за заедничка изградба на државата во духот на почит, еднаквост и единство, при што претседателката упати честитка и на албански јазик: „Urime Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe!“