Зголемениот интерес за поевтини горива и прехранбени производи во Македонија доведе до засилен сообраќај на граничниот премин Ќафасан, каде во изминатите денови се бележи значителен пораст на патници.
Најголем дел од посетителите пристигнуваат од пограничните региони на соседна Албанија, најчесто на кратки еднодневни патувања во Струга, со цел да наполнат гориво и да набават основни производи по пониски цени.
Според податоците од СВР Охрид, во периодот од 1 до 6 април преку граничниот премин Ќафасан поминале 40.734 патници, што претставува зголемување од 11 проценти во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 36.775 патници. Од вкупниот број, 20.952 лица влегле во државата, додека 19.782 ја напуштиле.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата располага со доволни количини на енергенси, и покрај зголемениот притисок врз бензинските пумпи во пограничните области. Тој посочи дека дневната потрошувачка на гориво пораснала од 1,5 на 2 милиони литри.
„Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно, тука не треба да имаме никакви стравувања. Ја продолживме и мерката 18 на 10 проценти ДДВ сè со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисите“, изјави Мицкоски при посетата на комплексот клиники „Мајка Тереза“.
