Албанската полиција разби голема група на фалсификатори која организирала трговија со луѓе за САД и Велика Британија за 8 до 12 илјади евра. Групата, исто така, фалсификувала документи со кои се вршеле фиктивни бракови на Албанци со бугарски државјани. Во акцијата се притворени девет албански државјани, а по уште неколку се трага.
Во соопштение на албанското Министерство за внатрешни работи се наведува дека криминалната група на фалсификатори трговијата со луѓе ја организирала со фалсификувани италијански и грчки документи, а пренесувањето на лицата билo од Албанија преку Италија во Сицилија, Малта па сè до Велика Британија додека за САД се патувало од Албанија, па преку Косово, Хрватска, Италија, Малта и Англија.
Во акцијата во Тирана се запленети повеќе компјутери, пасоши и други лични документи.
К.М.