Осомничениот Александар Лазаров, кој минатата недела избега од полициската станица во Кочани, повторно е приведен и испратен на издржување на мерката притвор, информира Основното јавно обвинителство Кочани.
Од Обвинителството соопштија дека на 10 јули 2026 година е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против Лазаров и уште едно лице, поради сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Истрагата е поведена откако при претрес на автомобил биле пронајдени осум грама наркотична дрога – кокаин.
По предлог на јавниот обвинител, истиот ден на Лазаров му била определена мерка притвор. По неговото повторно лишување од слобода, обвинителот бил известен, а лицето веднаш било спроведено за издржување на притворската мерка.
Дополнително, јавниот обвинител до Основниот суд во Кочани доставил и барање за определување привремена мерка за обезбедување – привремено одземање на движен и недвижен имот за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност.
Според досегашните сознанија од истрагата, под сомнение се ставени еден стан и шест автомобили, од кои дел биле регистрирани на други лица, но фактички биле во владение и на располагање на осомничениот.
Од ОЈО Кочани наведуваат дека овој имот не соодветствува со законските приходи на осомничениот, што создава сомневање дека станува збор за имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист.