Алијанса за Албанците (АА) денеска реагираше во врска со лицето М.А., кој беше предложен од партијата како привремено решение за директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје.
Во реакцијата, АА апелира до надлежните институции за брза и ефикасна истрага околу наводите за кривично-правен случај поврзан со М.А. „Секој што се огрешил пред законите мора да одговара, без разлика на етничка, верска или политичка припадност“, стои во партиското соопштение.
Од партијата потенцираат дека испораката на правда мора да биде неселективна и заснована врз уставни и законски принципи, додавајќи дека АА останува „силно посветена на борбата против корупцијата и на темелна реформа на државниот систем“.
„Албанскиот народ не заслужува да биде претставуван од луѓе кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на маки на граѓаните. Ова е недозволиво и спротивно на вредностите што ги застапуваме“, се наведува во реакцијата.
Од партијата најавуваат и преземање на сите неопходни статутарни мерки за заштита на угледот на организацијата.