Алиша за 4ТВ: Недозволива е градација меѓу лицата со попреченост – бараме премиерот да го запре институционалниот надзор што нè дискриминира

„Ние не сме бројки, туку луѓе со аргументи. Државата потпишала конвенции за еднакви права, а во пракса нè дели на категории кои добиваат 160 или само 80 часа асистенција“, вели Алиша.

Борбата за достоинствен живот на лицата со попреченост продолжува со барање за директна интервенција од премиерот, со цел да се сопрат дискриминаторските политики на ресорните институции. Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, порача дека нивната војна за правда е базирана на цврсти аргументи и меѓународни стандарди.

Системска дискриминација и „градација“ на потребите

Алиша нагласува дека државата, иако е потписничка на светски конвенции и номенклатури, спроведува опасна градација меѓу корисниците на социјални услуги. Според него, недозволиво е едни лица да добиваат целосна 24-часовна покриеност, додека други се оставени на минимална помош.

„Не можете да правите градација – на овој ќе му дадеме 30, на овој 20 часа. Конвенцијата за правата на лицата со попреченост јасно вели дека сите треба да ги користат правата еднакво. Имаме ситуација каде луѓето сместени во станбени единици од Демир Капија имаат по 160 часа асистенција, а ние останатите само 80. Тоа е чиста дискриминација“, објаснува Алиша.

Барање за средба со премиерот

Наместо „измислени“ надзори врз работата на граѓанските организации, Алиша бара формирање на стручен сектор под покровителство на премиерот кој реално ќе ги согледа проблемите во социјалната заштита.

„Инсистираме премиерот да ги собере стручните луѓе и секторот за социјална заштита. Ние ги имаме решенијата. Тргнавме да војуваме за нашите права и ќе победиме, бидејќи аргументите се на наша страна“, дециден е тој.

Лична исповед: „Дете сум на системот, без државата ќе бев на улица“

За првпат во разговорот, Алиша сподели и лична нота за својата животна приказна, нагласувајќи ја важноста на системската поддршка, но и нејзините недостатоци кога станува збор за личната асистенција.

„Јас сум дете без родители, израснато низ институциите на системот. Живеам во станбена единица која ми ја обезбеди државата и за тоа сум благодарен, бидејќи инаку ќе бев на улица. Но, токму затоа најдобро знам каде системот потфрла и зошто се борам за сите нас“, заврши Алиша во гостувањето на 4ТВ.

Разговорот во „Ноќно студио“ заврши со силна порака дека личните асистенти, иако работат за минимални примања под просекот во државата, се клучниот столб на кој се потпираат најранливите, а нивното дополнително кратење би значело целосен колапс на социјалната правда.