Македонија

Алиу ги разрешува дилемите во јавноста: Модуларните сали од Клинички лесно се преместуваат, со регионализација ќе го растовариме Скопје од 70% од пациентите

Алиу ги разрешува дилемите во јавноста: Модуларните сали од Клинички лесно се преместуваат, со регионализација ќе го растовариме Скопје од 70% од пациентите

Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ одговори на двете главни дилеми кои подолго време кружат во јавноста: зошто државата инвестира во нови операциони сали на постојниот Клинички центар ако веќе се планира нов кај болницата „8 Септември“, и зошто се трошат милиони евра во регионалните болници во Кичево, Штип и Тетово.

Инвестициите на Клинички не се залудни – салите се модуларни, а комплексот нема да згасне

Алиу потенцираше дека граѓаните не треба да стравуваат дека моменталните инвестиции во постојниот клинички комплекс „Мајка Тереза“ се залудно фрлени пари.

„Прво, операционите сали во кои сега инвестираме се ултрамодерни модуларни сали. Тоа значи дека во моментот кога ќе биде готов новиот клинички центар кај ‘8 Септември’, ние овие сали едноставно можеме физички да ги демонтираме, да ги земеме оттаму и да ги пренесеме каде што сакаме. Второ, сегашниот клинички центар нема целосно да се пасивизира. Таму се лоцирани Медицинскиот, Фармацевтскиот и Стоматолошкиот факултет, како и научните институти. Таа инфраструктура ќе продолжи да функционира паралелно, можеби на две различни географски локации во Скопје, но во ист систем“, појасни министерот.

Регионализација на здравството: Универзитетските професори губат 70% од времето на лесни случаи

Образложувајќи ги капиталните инвестиции од 205 милиони евра во Штип, Кичево (каде се вложуваат 18 милиони евра за нова болница) и Тетово, како и опремувањето на болницата во Битола, Алиу откри загрижувачки податоци од направените анализи за ефикасноста на здравствениот ланец.

„Нашиот здравствен систем има три јасни нивоа: примарно (матични лекари), секундарно (болници) и терцијално (клинички центри). Секундарното здравство мора да решава дури 80 до 90% од проблемите на пациентите во нивните региони. На терцијално ниво во Скопје треба да завршуваат само најкомплицираните случаи. Во моментов, нашите анализи покажуваат фрапантна слика: дури 70% од здравствените услуги на Клиничкиот центар во Скопје се случаи кои мора и може да се решат во секундарното здравство. Врвните доктори и универзитетски професори губат 70% од своето време на услуги што треба да ги даваат регионалните болници, а само 30% посветуваат на она за што навистина се наменети – науката и тешките компликации“, изјави Алиу.

Економски парадокс: Државата плаќа двојно за иста услуга, парите ќе го следат пациентот

Покрај тоа што граѓаните од внатрешноста се изложуваат на огромни трошоци за патарини, гориво и патување за услуги кои треба да ги добијат дома, министерот укажа и на огромниот економски падокс кој го осиромашува Фондот за здравство.

„Како држава многу често плаќаме двапати за една иста услуга. На пример, јас како пациент одам во мојата локална болница. Таму има вработен лекар кој зема плата од државата за да ја нуди таа услуга. Бидејќи болницата не ми ја дава услугата, лекарот ми пишува упат за во Скопје. На крајот, државата го плаќа лекарот во локалната болница кој не ја завршил работата, а дополнително ја плаќа истата услуга и времето на докторот на терцијално ниво во Скопје. Со регионализацијата во Кичево, Тетово, Штип и Битола, каде ги прошируваме услугите и во здравствените домови, точно ќе се дефинира кој што работи. Воведуваме систем во кој финансите точно ќе го следат пациентот и здравствената услуга од една институција во друга, со што ќе постигнеме огромна економска оптимизација“, заклучи министерот Алиу.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни