Алиу: Можно воведување токсиколошки тестови за здравствените работници

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека се разгледува можноста за воведување токсиколошки тестови за здравствените работници, откако во јавноста се појави видео-снимка со сега поранешниот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски.

Алиу појасни дека во рамки на Министерството функционираат 12 работни групи кои работат на усогласување и измена на законите поврзани со здравствениот систем, со цел да се избегнат колизии меѓу одредбите.

„Една од можностите што ќе ја разгледаме е дали во некои од законите може да биде вметнат и тој член“, изјави Алиу, одговарајќи на новинарско прашање за потенцијалното воведување токсиколошки тестови.

Во однос на можните санкции за слични случаи, Алиу посочи дека тоа ќе биде предмет на работа на правниците кои ги подготвуваат законските решенија, додавајќи дека „во вакви ситуации постојат индикатори, и доколку се отстапува од нив, мора да се предвидат соодветни мерки и санкции“.

По објавувањето на видеото, на кое Кузмановски се гледа во домашна атмосфера како меша бела прашкаста материја и зборува за неа со асоцијација на кокаин, Министерството за здравство веднаш го разреши од функцијата директор на Клиниката за неврологија.