Македонија

Алиу: Спас за донацијата од 500.000 долари за хемофиличарите – лековите пратени во Германија на тестирање за да не завршат на депонија

Алиу: Спас за донацијата од 500.000 долари за хемофиличарите – лековите пратени во Германија на тестирање за да не завршат на депонија

Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го претстави планот за спас на вредна медицинска донација наменета за пациентите со хемофилија. Тој јавно ги сподели административните апсурди со кои се соочува неговиот тим, а се осврна и на првите резултати од проектот „Отворен кабинет“ преку кој граѓаните директно ги пријавуваат своите проблеми.

Битка со времето: Материјалот за „Фактор 8“ се тестира во Германија за да се избегне скапо уништување

Алиу потврди дека државата веќе со месеци располага со донација од половина милион долари во лекови за хемофилија – поточно клучниот медикамент „Фактор 8“, но дека бирократските кочници го заглавиле неговото ставање во употреба, иако пациентите со право се загрижени за своите терапии.

„Имаме донација вредна 500.000 долари која со месеци стои кај нас. За жал, нашите административни процедури се толку нелогични што прво дозволуваат нешто да се увезе, а потоа се појавуваат пречки за тој лек да стигне до пациентите. Замислете го апсурдот – доколку не успееме навреме да ги завршиме процедурите, овие лекови ќе мора да се уништат, а државата дополнително ќе треба да плати огромни средства за нивно уништување, наместо да ги искористиме за граѓаните на кои им се неопходни“, алармираше Алиу.

За да се реши проблемот, ангажиран е заеднички тим од Министерството, Институтот за јавно здравје, Клиниката за трансфузиологија и МАЛМЕД. Бидејќи во Македонија не постојат соодветни капацитети за потребните анализи, материјалот е испратен во Германија за да се добие потребниот сертификат за квалитет. Според министерот, веднаш по надминувањето на оваа криза, целосно ќе се смени државниот протокол за донации за да стане побрз и пооптимален. Паралелно со ова, државата веќе има отворено и редовна набавка за купување на овој фактор за да не се зависи исклучиво од донации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни