Алиу: Вработувањата во здравство од сега според реалните потреби, а не по лични желби или партиски влијанија

Вработувањата во македонските здравствени установи од сега ќе се вршат исклучиво според реалните потреби на системот, а не по лични желби или партиски влијанија. Министерот за здравство Азир Алиу најави дека наскоро ќе биде воспоставен електронски регистар со точни и ажурирани податоци за сите медицински работници во земјава, кој ќе стане основна алатка при одлучувањето за нови вработувања и специјализации.

Според Алиу, досегашната состојба покажала големи дисбаланси – во одредени делови од здравствениот систем има вишок лекари од конкретни специјалности, додека во други установи токму такви профили сериозно недостасуваат. Новиот регистар треба системски да ја реши распределбата на кадарот и да обезбеди соодветна покриеност во сите општини.

Првичните податоци од регистарот веќе укажуваат на значителен недостиг, особено кај медицинските сестри. Во Македонија, на 100.000 жители отпаѓаат само 440 сестри – бројка која е двојно пониска од европскиот просек. Министерството најавува измени во законската регулатива, со кои ќе се овозможи подобра и поправична распределба на постојниот кадар.

Според официјалните бројки, во јавниот и приватниот здравствен сектор моментално работат вкупно 32.383 лица. Од нив 18.536 се вработени во јавните здравствени установи, а 13.842 во приватните.

Министерот Алиу нагласува дека е време здравствената политика да се темели на анализа, податоци и реални потреби, а не на лични врски.

„Ќе видите дека имаме голем број лекари во покомерцијални области, додека во најнеопходните профили има недостиг. Новите специјализации и вработувања ќе се отвораат исклучиво според табелата со потреби, а не по телефонски повици или лични желби“, истакна Алиу.

Најави дека веќе во следните еден до два месеци ќе бидат отворани нови места за специјализации, и тие ќе бидат строго усогласени со податоците од регистарот, со цел да се воспостави балансиран и функционален здравствен систем.