Министерот за здравство Азир Алиу денеска учествуваше на надзорна расправа на Комисијата за еднакви можности во Собранието, каде што говореше за улогата на здравствениот систем во справувањето со семејното и родово базираното насилство.
Тој истакна дека здравствениот сектор има клучна улога и во раното препознавање на случаите и во обезбедувањето соодветна поддршка за жртвите.
„Министерството за здравство воспоставува системски пристап, со јасно дефинирани мерки и активности. Во тек е подготовка на програма за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со предвиден буџет од два милиона денари, која ќе опфати превенција, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигнување на свесноста и обуки за здравствените работници“, истакна Алиу.
Тој додаде дека паралелно се работи на интеграција на центрите за сексуално насилство во систематизацијата на здравствените установи, со што, како што посочи, овие услуги ќе станат траен дел од системот. Посебно ја нагласи и поврзаноста со електронскиот систем „е-здравство“, кој ќе овозможи системско евидентирање на случаите и креирање политики базирани на реални податоци.
Алиу посочи дека се прават и важни измени во законската рамка, меѓу кои и вклучување на насилството како основ во Законот за здравствена заштита, како и повторно воспоставување регистар за насилство во рамки на здравствениот систем.
Тој упати благодарност до Комитетот за безбедно мајчинство, кој, како што рече, веќе иницирал конкретни новини во функционирањето на центрите за поддршка на жртви на семејно насилство.
