Амандманите на Алијанса и Беса, според СДСМ се дневни политики

При отворање на Уставот на земјата, Алијанса за Албанците ќе поднесе два амандмани. Арбен Таравари, во емисијата „Топ Тема“, рече дека едниот ќе биде за Преамбулата, во духот на Охридскиот договор, a преку другиот амандман ќе бараат албанскиот јазик да биде еднаков со македонскиот.

Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, преку видео порака ѝ се обрати на јавноста, повикувајќи го албанскиот фактор за соработка, со цел Македонија да стане рамноправна држава и за Албанците.

„Целосна рамноправност се постигнува од основниот документ на државата,  односно Уставот, затоа Движење Беса се обрати до Владата со едно барање – во својот предлог да бидат вклучени и барањата поврзани со унапредување на правата на Албанците во државата“, изјави Биљал Касами, претседател на Движење Беса.

За СДСМ, амандманите на Алијанса и Беса се дневни политики. Велат дека сега не е момент за нив. Од партијата уверуваат дека интеграцискиот процес на земјата е за добробита на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, верска или етничка припадност.

ДУИ и Беса, огранокот на Гаши, нема да поднесат амандмани за уставните измени. Засега, од ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да бидат дел од консултациите со Владата за уставните измени. Од партијата најавија дека следната недела, нивната пратеничка група ќе ја извести јавноста за следните чекори што ќе ги преземат во овој правец. Инаку, откако во Собранието беше изгласана потребата за уставни измени, сега на ред е втората фаза во која се очекува доставување на предлог – амандмани, за чие усвојување е потребно просто мнозинство од 61 глас. Последната фаза предвидува усвојување на овие амандмани со 2/3 мнозинство од вкупниот број пратеници.

Репортер: ТВ21