Американската амбасада во Северна Македонија денеска објави предупредување дека регистрирањето за лотаријата „Diversity Visa“ (DV) за 2027 година сè уште не е отворено.
Од Амбасадата наведуваат дека кружат лажни тврдења оти пријавувањето веќе започнало, како и дека одредени поединци или услуги наводно можат да ги зголемат шансите за добивање виза.
„Тоа не е точно,“ порачуваат од Амбасадата и додаваат дека граѓаните треба да бидат внимателни и да не подлегнуваат на измами.
Како што посочуваат, датумите за почеток на регистрацијата за DV-2027, како и сите промени во процедурата за оваа година, ќе бидат официјално објавени од Стејт департментот кога ќе бидат достапни.
Од Амбасадата апелираат јавноста да ги следи само официјалните канали за информации и да внимава на можни злоупотреби.