Амбасадата на Србија со остра реакција на изјавата на Арбен Фетаи за НАТО-интервенцијата од 1999: „Болно понижување за жртвите“

Амбасадата на Република Србија во Скопје изрази длабока загриженост и незадоволство поради изјавата на заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија, Арбен Фетаи, дадена по повод 26-годишнината од НАТО-интервенцијата врз Сојузна Република Југославија.

Во изјавата, Фетаи го опиша 24 март 1999 како „историски момент“ што, според него, „отворил пат кон мир и стабилност“ и „запирање на геноцидот“. Ваквата интерпретација, според Амбасадата, длабоко ги повредува чувствата на граѓаните на Србија, за кои овој датум е симбол на страдање и трагедија.

„Секој обид за релативизирање или позитивна интерпретација на овие случувања се доживува како болно и недолично понижување на жртвите и нивните семејства,“ се наведува во соопштението.

Амбасадата потсетува дека за време на 78-те денови на бомбардирање, загинале околу 2.500 цивили, меѓу кои и деца, а уништени биле болници, училишта, мостови, фабрики и културни добра. Воената интервенција на НАТО, се вели понатаму, била спроведена без одлука на Советот за безбедност на ОН и, според нив, претставувала флагрантно кршење на меѓународното право.

Дополнително, се критикува користењето на терминот „геноцид“, кој Амбасадата го оценува како неоснован и опасен, бидејќи го релативизира значењето на еден од најтешките поими во меѓународното право и е навреда за вистинските жртви на такви злосторства.

Во завршницата на соопштението, Амбасадата потсетува дека Србија останува посветена на добрососедските односи со Северна Македонија, но истовремено го задржува правото да ја брани својата историја и достоинството на својот народ.

„Очекуваме во иднина да се покаже поголема чувствителност кон сложеноста на ваквите теми, како и доследно почитување на принципите на меѓународното право,“ се истакнува во реакцијата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното