Јавноста не стивнува откако Уставниот суд го отвори прашањето за амнестијата и членот 11 од Законот за помилување. На дебатата „Амнестијата и помилувањата помеѓу правната и политичката одлука“ организирана во општина Чаир, професорот Темелко Ристовски вели, дека по укинувањето на членот 11 се создала правна празнина но дека и покрај тоа екс претседателот Иванов ја донел одлуката врз основа на непостоечка одредба.
„Уставниот суд во мал број случаи се впуштил во поништување на одредба на закон, така да верувам и во овој случај нема да се впушти во такво нешто, дури и очекувам дека ќе ја отфрли. Има време уште за отфрлање на иницијативата“, изјави Темелко Ристовски, професор.
Во јавноста се отвори и дилемата дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов со тоа што давал амнестија без да има законска основа направил кривично дело. Професорот Африм Османи вели дека Собранието уште тогаш требал да му поднесе импичмент.
„Меѓутоа таква иницијатива не се покрена, и во тој правец одговорноста на претседателот на државата е политичка, а тоа подразбира негово разрешување од должноста. Но, никој не го покрена прашањето за одговорност и на судиите кои ги прекинаа сите судски постапки со самото пуштање на амнестијата од страна на претседателот на државата“, истакна Африм Османи, професор.
Според колумнистот Агим Јонуз сето ова е само манипулација на јавноста и купување време до предвремените избори.
„Ние сега еден долг период ќе се бавиме со членот, ќе се бавиме повторно со тоа кој е во право, ќе купуваме уште време дали некој смета дека тоа е исправно и дека некој треба да донесе одлука по која што ригорозноста на мерката ќе добие некаков амортизер, значи се е купување време“, посочи Агим Јонус, колумнист.
Во средата Уставниот суд го одложи утврдувањето на одлуката за покренување постапка за членот 11 од Законот за помилување чекајќи го мислењето од Собранието. Откако Законодавно правната комисија се произнесе дека таков член не постои и дека не можат за него да дадат мислење, извори од Уставниот суд велат дека тие повторно на маса ќе ја вратат точката за покренување постапка. Истите извори велат и дека расправата, но и каква одлука ќе се донесе, најверојатно ќе се знае на седница на судот која најверојатно ќе се одржи во јануари идната година.