Иднината на дигиталните финансии може да се гради само преку соработка меѓу институциите, банките и технолошкиот сектор, а идеите треба да се преточат во конкретни решенија, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Андоновски говореше на Finelevate Digital Summit 2026, на кој учествуваа претставници на институциите, финансискиот сектор, технолошките компании и стартап-заедницата. Тој се обрати на самитот, а потоа беше дел и од панел-дискусијата посветена на дигиталниот идентитет, доверливите услуги и интероперабилноста во финансискиот сектор.
Според министерот, поврзувањето на различните системи и безбедната размена на податоци се меѓу клучните предуслови за поефикасни дигитални услуги.
„Кога на исто место ќе се соберат институциите, финансискиот сектор, технолошките компании и стартапите, разговорот за дигитализацијата станува многу поконкретен. Зборувавме за поврзување на системите, за безбедна размена на податоци и услуги што ќе можат целосно да се завршат електронски“, истакна Андоновски.
Тој посочи дека граѓаните и компаниите не треба повторно да доставуваат информации со кои институциите веќе располагаат.
„Ако институциите веќе располагаат со одреден податок, граѓаните и компаниите не треба повторно да го доставуваат“, додаде министерот.
Андоновски оцени дека ваквите настани се значајни бидејќи овозможуваат институциите и приватниот сектор заеднички да ги идентификуваат предизвиците, но и можностите за унапредување на дигиталните услуги и финансискиот сектор.