Андоновски: Хибридните напади ќе продолжат

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изјави дека училиштата во земјата во петокот добиле хибридни закани по електронски пат, кои се однесувале на наводно поставени експлозивни направи. Како што посочи, по брзата реакција на полицијата, утврдено е дека станува збор за лажни дојави.

-Разликата од претходно е што веднаш, уште утрото, се слушнавме со министерката (за образование), организиравме со министерот за внатрешни работи една ад хок работна група која ги разгледа проблемите со кои се соочува системот, развивме неколку методологии коишто треба да се следат во наредниот период за превентива на подолг рок, изјави Андоновски при посетата на ОУ „Димитар Македонски“ по повод одбележување на Денот на безбеден интернет.

Андоновски истакна дека Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и општините реагирале навремено и соодветно, што довело до брзо решавање на последиците од заканите.

-Хибридни напади ќе има, напади на нашата сајбер инфраструктура ќе продолжат, но многу е важно како институциите одговараат, а сега одговараат системски и во соработка едни со други. Стоиме на располагање да му помагаме на Министерството за образование и наука и на сите други институции ако и понатаму се појават вакви проблеми, рече Андоновски одговарајќи на новинарски прашања. хс/са/

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното