Собранието на акционери на Македонски Телеком АД Скопје денеска донесе одлука за значајни промени во составот на Одборот на директори, отповикувајќи го Никола Љушев и избирајќи го Андреас Мајерхофер за нов неизвршен член. Истовремено, беше реизбрана Диана Анамариа Паркањи-Варкоњи за уште еден мандат.
Промените беа изгласани на предлог на мнозинскиот акционер, Каменимост Комуникации АД Скопје.
Никола Љушев, кој ја извршуваше функцијата неизвршен член, е отповикан почнувајќи од денеска, 21 октомври 2025 година.
На негово место, како нов неизвршен член е избран Андреас Мајерхофер, австриски државјанин, со мандат кој исто така започнува од денеска. Мајерхофер е добро познато име во македонската телекомуникациска индустрија, бидејќи претходно беше Главен извршен директор на Македонски Телеком во периодот од 2014 до 2017 година, кога беше спроведено и спојувањето со Т-Мобиле Македонија. Тој исто така беше член на Одборот на директори на МКТ од мај 2017 до мај 2023 година. Моментално е Главен извршен директор на Т-Мобиле Полска.
Собранието, исто така, донесе одлука за реизбор на Диана Анамариа Паркањи-Варкоњи, унгарска државјанка, за неизвршен член на Одборот на директори. Нејзиниот нов четиригодишен мандат ќе започне од 25 јануари 2026 година. Таа е актуелен Лидер на Hub за односи за пазар на капитал и Раководител на Односи со инвеститори во Маѓар Телеком.
Мандатот на новоизбраниот и реизбраниот член изнесува 4 години. Главниот извршен директор е овластен да ги спроведе уписите за промените во Централниот регистар.