Македонија

Ангел Димитров: Неизвесно продолжувањето на работата на Македонско-бугарската комисија

Претседавачот на бугарскиот тим од Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски прашања Ангел Димитров изјави дека е неизвесно продолжувањето на работата на комисијата која, според него, била еднострано прекината од македонска страна.

– Еднострано беше прекината работата на комисијата со образложение дека треба да се одржат предвремени избори за четири месеци. Тие практично одбиваат да се среќаваме и да разговараме. Останува отворено прашањето дали во мај ќе продолжи работата на комисијата, изјави Димитров за бугарската телевизија БНТ.

Вели дека образложението е изненадувачко, бидејќи македонската страна досега тврдела дека работи без политички притисок.

-Сега се покажува дека работата на комисијата е внатрешен политички проблем за нашиот сосед, изјави Димитров.

Прашан за оспорувањето на македонскиот јазик тој вели дека комисијата не се занимава со јазични прашања.

– Не треба да се заглавуваме во такво конкретно прашање зашто предизвикува непотребна тензија меѓу двете држави и треба да се запрашаме кои се причините за тоа, вели Димитров.

Сепак, според него, вистината била дека во текот на 44 и 45 година од минатиот век биле формирани две комисии со цел врз основа на два-три локални говори да создадат нова јазична конструкција. – Измислија нов писмен систем кој користи многу српски букви. Целта на комисиите беше да се разграничи тој јазик од литературниот бугарски јазик. Така се создаде она што денес се нарекува македонски јазик, изјави Димитров.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни