Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, рече дека утврдувањето на причините за пожарот во магацините на компанијата „ПоФикс“ во Тетово, не е нивна надлежност.
Ангелов за телевизија Сител изјави дека се задоволни што не се регистрирани жртви од пожарот.
„Задоволни сме што немаме цивилни жртви од овој пожар, ниту загинат пожарникар, ниту тешко повреден пожарникар, со исклучок на неколку полесно повредени пожарникари кои се пренесени на лекување во болница“, рече Ангелов.
Веднаш по локализирањето на пожарот од страна на противпожарните екипи како и од страна на припадниците на армијата на државата, ЦУК одржа итни состаноци поради состојбата во градот Тетово.
Комисијата констатира дека состојбата е стабилна и нема потреба од прогласување кризна состојба.
Инаку, директорот Ангелов денеска беше на терен на местото на пожарот и им честиташе на сите пожарникари и граѓани кои доброволно се пријавија за стабилизирање на состојбата.