Анѓушев од Црна Гора: Потребна е подобра соработка помеѓу земјите во регионот

Владина делегација предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, учествува на настаните во рамките на „Конференција за економија: Балканот и Европската Унија-Петогодишен циклус на Берлинскиот процес“, која денес и утре се организира во хотел Сплендид во Будва, Црна Гора.

Вицепремиерот Анѓушев денеска учествуваше на панелот „Економска и европска перспектива на Балканот“, на која дебатираше со претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, со претседателот на Владата на Република Косово, Рамуш Харадинај и потпретседателот на Владата на Република Србија, д-р Расим Љајиќ.

Говорејќи за актуелната ситуација во Република Македонија, Анѓушев истакна дека започна да се пишува нова историја во земјата, која подразбира креирање на добрососедски политики и надминување на сите отворени прашања со соседните држави.

„Доколку воспоставиме подобра соработка помеѓу земјите во регионот, ќе соработуваме подобро и со Европската Унија. Во Македонија започна постапка за уставни измени, согласно договорот од Преспа, среќни сме што дел од опозиционите пратеници ја препознаа историската шанса за земјата и што е обезбедено мнозинство за започнување на уставни измени во Парламентот. Следува дебата за амандманите за уставните измени, а очекуваме до јануари да го заокружиме целиот процес, со уште поголемо мнозинство и силно да чекориме кон ЕУ и НАТО“, кажа вицепремиерот.