Анима Мунди: Над 40 мртви кучиња во Кичево, дел се застрелани, дел отруени!

Од Анима Мунди денеска испратија соопштение во кое велат дека во Кичево има над 40 мртви кучиња само за еден ден.

Според нив, дел се застрелани додека пак дел се отруени.

„Два дена не реагиравме. Сакавме да видиме дали некаде ќе се чуе барем збор – од Фатмир Дехари, градоначалникот на Кичево, од општината, од било која институција што е должна да ја информира јавноста и да го осуди делото.

Два дена – ништо. Молк.

Како да е сѐ нормално. Како да е прифатливо да живееш во град опколен со отров и оружје.

А на улиците на Кичево, пред очите на луѓето, животни умирале во мака, гушејќи се во сопствена крв и повраќаница, во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“.

Отруени со супстанции што можат да усмртат и човек, други застрелани со огнено оружје – оставени покрај училишта и домови.

Ова не е инцидент. Ова е умоболна пракса што ја гледавме пред петнаесет години, и многу добро знаеме како завршува таа приказна.

Такво нешто може да направи само масовен убиец, психопат или институција што организира ликвидација – никој не тепа цел град животни сам.

Фатмир Дехари, прашуваме јавно:

дали е нормално во вашиот град да се убиваат животни со екстремно разорни отрови што за помалку од пет минути можат да усмртат дете?

Дали е нормално некој вооружен да шета низ градот и да стрела по животни додека граѓаните спијат? 

Пријавивте ли во полиција? 

Како за половина час беа собрани и фрлени 40 трупа од страна на „Кичевски Комуналец“ – без полиција, без увид, без истрага, иако на дел од телата има траги од огнено оружје? 

И каде се, зошто ги нема на депонија?

Да, Кичево има проблем со прекубројност на бездомни животни – затоа што никогаш никој не го решил. Општината годишно издвојува околу 20.000 евра за оваа проблематика, а 115.000 евра плаќа за обесштетувања за каснувања – и реални и лажирани. Тоа планско и стратешко управување не е. Тоа е комплетно незнаење, или злоупотреба на јавни пари – пари што не се ваши, туку на граѓаните.

Во овој одвратен контекст, единствено што охрабрува се гласните и достоинствени реакции на кичевчани.

Добро е што јавноста јасно се огради од овој срам.

Бараме итна реакција од Обвинителството и МВР, јавна одговорност од градоначалникот и раководството на општината, како и инспекциски служби на терен. Да се проверат камерите, да се фатат сторителите, да има индивидуална и институционална одговорност за оваа ликвидација“, велат од Анима Мунди.