Анкета: Речиси сите германски пилоти признаваат дека „дремнуваат“ за време на летовите

93% од германските пилоти признаваат дека дремнуваат за време на летовите, според анкетата на нивниот синдикат, која предупредува на „загрижувачка реалност“ предизвикана од хроничен замор, недостаток на персонал и оперативен притисок, според „Гардијан“.

Синдикатот „Верајнигунг Кокпит“ анкетирал повеќе од 900 пилоти. Иако нагласиле дека резултатите не се репрезентативни, податоците покажале дека 12% од пилотите дремат на секој лет, 44% го прават тоа редовно, а 33% повремено. Исто така, загрижувачки е фактот што 7% од испитаниците веќе не можат ниту да избројат колку често дремат за време на летот.

Дремкање како одговор на притисок

„Дремката долго време е норма во германските пилотски кабини“, рече Катарина Дизелдорф, потпретседател на синдикатот, кој претставува 10.000 пилоти, кабински екипаж и практиканти.

„Она што првично беше замислено како краткорочна мерка за закрепнување, се претвори во траен одговор на структурниот притисок“, објасни таа, додавајќи: „Кратката дремка сама по себе не е критична. Но, трајно исцрпениот екипаж во пилотската кабина е значаен ризик“.

Дизелдорф нагласи дека недостигот на персонал и „зголемениот оперативен притисок“ дополнително ја влошиле ситуацијата, особено во текот на летните месеци. Синдикатот ги дефинира дремките, кои се предмет на истражувањето, како „контролирани периоди на одмор за време на фазата на лет“.