Антикорупциска го „одобри“ директорот на АНБ: „Не сме надлежни за веродостојноста на сертификатот на Христовски“

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски е законски именуван на функцијата, констатираше едногласно Антикорупциската комисија. Тие велат дека документацијата на Христовски ги исполнува условите. Сепак, не провериле дали документите се автентични, меѓу кои и сертификатот за англиски јазик кој е издаден во спорно училиште за странски јазици во Пловдив, Бугарија.

„Надлежноста за утврдување на евентуална невалидност на документот е во исклучива надлежност на Основното јавно обвинителство каде што има кривична пријава.“, рече Ристовска од ДКСК.

Неодамна од Обвинителството за ТВ21 истакнаа дека процесот е во предистражна фаза и обвинителите преземаат дејствија за да се утврди состојбата, но не откриваат какви. Инаку, антикорупционерите барале Државниот образовен инспекторат да ја провери и неговата диплома издадена од приватен универзитет.

„Доставен е записник во кој се констатира дека нема неправилности во работењето на Универзитетот.“, вели Ристовска.

Во меѓувреме од одлуката на антикорупционерите задоволна е ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС тераше кампања и лажеше за директорот на АНБ Бојан Христовски, а институциите денес ги демантираа. Нема лага која не им излезе на виделина.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ претходно обвинуваше дека се врши партизација со поставувањето на Христовски, бидејќи до 2023 година бил претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, го спореа и сертификатот за јазици издаден во Бугарија, каде велат дека нема лиценцирани центри за издавање на ваков сертификат.