Апасиев: Нов Изборен законик до јуни, припадник на ромската заедница за народен правобранител

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по денешната лидерска средба изрази задоволство од, како што рече, „изненадувачки конструктивната атмосфера“. Како клучен резултат од средбата, тој го најави начелниот договор до крајот на јуни да биде донесен нов Изборен законик.

Според Апасиев, фокусот на разговорите бил ставен на една изборна единица, моделот на отворени или затворени листи и прашањето за изборниот цензус. Дијалогот по овие прашања ќе продолжи во Собранието меѓу координаторите на пратеничките групи и претставници на Владата.

Левица предложила нов пристап за избор на народен правобранител. Нивниот предлог е на оваа функција да биде избран припадник на ромската заедница, како најдискриминирана група која нема реални лостови на власт во државата.

Во однос на Пржинската влада, Апасиев информираше дека постојат две варијанти: нејзино итно укинување или примена на уште еден изборен циклус, што во моментов зависи од ставот на опозициската СДСМ.

Единствената тема на која „не се наишло на слух“ било барањето на Левица за обесштетување на жртвите од пожарот во Кочани.

„Образложението беше дека станува збор за приватен објект, а не за јавен како модуларната болница во Тетово. Ние сметаме дека тоа не е доволно и ќе инсистираме на оваа тема и во иднина“, заклучи Апасиев.