Македонија

Армијата нема да се повлече од Гостивар додека трае потребата

Армијата нема да се повлече од Гостивар додека трае потребата

Армијата ќе продолжи да обезбедува поддршка за жителите на Гостивар и во наредниот период, а ангажманот ќе трае сè додека надлежните институции проценуваат дека е неопходен. Ова денеска го истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски при посетата на касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде изврши увид во реновиран објект во рамки на тековните инфраструктурни инвестиции во армиските капацитети.

Министерот нагласи дека Армијата останува активно вклучена во справувањето со последиците од проблемите со водоснабдувањето во Гостивар, обезбедувајќи техничка вода преку своите цистерни и друга логистичка опрема.

„Армијата ќе остане во Гостивар за да обезбедува дополнителна техничка вода. Нашите капацитети, цистерните и различната опрема се ставени на располагање и ќе бидеме таму онолку долго колку што е потребно. Иако веќе има техничка вода, ќе постапуваме според проценките на Управувачкиот комитет и потребите на граѓаните. Нема временско ограничување – ќе останеме сè додека сме потребни“, изјави Мисајловски.

Тој потенцираше дека приоритет во моментов е непреченото обезбедување поддршка за населението, додавајќи дека обемот на користење на армиските ресурси ќе зависи од проценките на надлежните служби и од реалните потреби на терен. Според него, Армијата останува подготвена да ги стави на располагање сите неопходни капацитети сè додека трае потребата од помош.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни