Арсовска го повика Ѓорѓиевски на соочување: Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот

Екс градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска преку својот Фејсбук профил реагира по повод веста на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски дека од институциите на градот се избркани 500 вработени, како и дека има долг од 300 милиони евра.

Арсовска го обвини Ѓорѓиевски дека лаже и побара да бидат јавно објавени сите фирми со долг по институција, како и сите вработени со име и презиме и тоа од кога не доаѓале на работа.

„Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот. Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме сите 400 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници. Нека не ти пишува Луке соопштенија за да се пресметуваш, ниту твоите полусветови ботовски да ме навредуваат, бидејќи знае народ дека лажеш“, порача Арсовска.

На крај, таа го повика и на дебата на негов медиум по избор, па таму да ги соочат аргументите.

„Ако сакаш како МАЖ да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“, завршува Арсовска.