Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска објави дека се наоѓа на судско рочиште со вториот напаѓач од инцидентот што се случи на 11 јули 2025 година во Општина Чаир.
„Денес сум на суд со вториот насилник кој на 11.07.2025 година ме нападна вербално, а при обидот за физички напад беше спречен и задржан од полицијата“, напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Таа изнесе сериозни обвинувања на сметка на лицето со кое денеска се соочува на суд, тврдејќи дека тоа има долго криминално досие.
„Насилникот има долга листа на сторени сериозни кривични дела и одлежано повеќе години ефективна казна затвор за истите. Системот им дозволува да напаѓаат, да вршат насилство и да убиваат, затоа шетаат слободно“, се вели во нејзината објава.
Арсовска потсети дека инцидентот се случил на 11 јули, кога таа била на увид на терен на локација каде се гради дивоградба, спроти полициската станица во Чаир.
Таа нагласи дека поради сериозноста на нападот, Агенцијата за национална безбедност спровела безбедносна проценка, по што Министерството за внатрешни работи на 12 јули формално ѝ доделило 24-часовна полициска заштита. „Ова формално признание нагласува колку е реална и непосредна опасноста“, додаде таа.
Градоначалничката информираше и за правната разврска со првиот напаѓач од истиот настан.
„Основен кривичен суд Скопје на 02.09.2025 година ја донесе и јавно ја објави пресудата со која обвинетиот Сулејман Љамалари го огласи за виновен за сторено кривично дело – Насилство… по што му изрече казна затвор во траење од 2 (две) години, затоа што на 11.07.2025 година ме нападна физички и изврши грубо насилство“, напиша Арсовска.
Таа за осудениот Љамалари додаде дека „не покажал ни трошка каење“ и дека „континуирано се исмеваше со судот и јавноста“.
„Ќе видиме како ќе биде денес“, заклучи Арсовска во врска со денешното рочиште за вториот напаѓач.